Кога некој ќе преземе фотографија на жена, ќе отвори лажен профил или ќе ја следи низ повеќе платформи и социјални медиуми, последицата не останува „во телефонот“. Таа влегува во домот, работното место и чувството на сигурност. Лажните профили, доксирањето, сајбер-демнењето и заканите можат да станат средства за контрола и замолчување.
Советот на Европа го користи поимот „дигитална димензија на насилството врз жените“. Дигиталната средина не е помалку реален свет, туку канал преку кој насилството станува постојано, пребарливо, умножливо и видливо пред поголема публика.
Што покажуваат пријавите до ИМПЕТУС
Според интерната евиденција на Советодавниот сервис на ИМПЕТУС, досега се регистрирани 18 одделни пријави. Од нив, 16 се индивидуални случаи, а две се однесуваат на институции. Кај индивидуалните случаи, 11 пријави се поднесени од жени, што претставува 68,75 проценти, односно околу 70 проценти.
Овој податок не претставува национална статистика. Бројот на непријавени и неевидентирани случаи веројатно е значително поголем. Сепак, искуството на сервисот покажува дека жените претставуваат јасно мнозинство меѓу лицата што побарале помош поради дигитални злоупотреби. Тоа е важен сигнал дека дигиталното насилство има изразена родова димензија и дека се потребни полесно достапни и подобро поврзани механизми за заштита.
Пријавите опфаќаат преземање профили, неовластен пристап до кориснички сметки, лажно претставување, злоупотреба на лични и семејни фотографии, објавување податоци за деца и доксирање. Дел од корисничките пријавиле најави од непознати уреди, проблеми со кодовите за потврда и двофакторската автентикација, како и користење семејни податоци и фотографии во контекст на конфликт, проследено со нивно објавување на социјалните платформи.
Случаите покажуваат и колку корисничките зависат од механизмите на приватните платформи. Кога жалбата на Facebook, Instagram, TikTok или LinkedIn ќе биде автоматски затворена, лицето може да остане без пристап до профилот, фотографиите, контактите и личната комуникација, без јасно образложение и без можност да разговара со човек. Заштитата не смее да зависи од тоа дали жртвата ќе ја пронајде вистинската, често скриена форма за пријавување. Потребни се достапна постапка за жалба, разбирливо образложение и навремена човечка проверка.
Зошто алгоритмот е дел од проблемот
Алгоритмот не ја пишува заканата и не ја краде фотографијата, но има големо влијание врз тоа што ќе биде видливо, кому ќе му биде прикажано, колку долго ќе остане присутно и колку пати ќе се појави. Наједноставно кажано, платформите не ги прикажуваат објавите само по хронолошки редослед. Тие ги подредуваат и препорачуваат според процената која содржина најверојатно ќе го задржи вниманието на корисникот.
Објавите што предизвикуваат шок, бес, страв или расправија често добиваат повеќе прегледи, коментари и споделувања. Алгоритмот може да ја препознае оваа активност како знак дека содржината е „интересна“ или „релевантна“, без да разбере дека станува збор за вознемирување или организиран напад врз жена. Така, она што за платформата е зголемена активност, за жртвата може да значи нов бран навреди, закани и изложување. На тој начин се создава циклус на алгоритамско засилување. Напаѓачот објавува украдена или манипулирана фотографија; други корисници ја отвораат, коментираат или ја препраќаат; системот ја забележува активноста и ја прикажува на нова публика. Препорачаните профили, пребарувањето, ознаките и автоматското поврзување контакти можат содржината да ја однесат до семејството, колегите или локалната заедница. Дури и коментар објавен во одбрана на жената може ненамерно да го зголеми досегот на спорната објава.
Проблем претставува и повторното појавување на содржината. Откако една објава ќе биде избришана, нејзина копија може да се објави преку друг профил, со исечена фотографија, изменет текст или нова ознака. Автоматското модерирање тешко го препознава поширокиот контекст, особено кога се користат иронија, прикриени закани, кодирани изрази или локален јазик. Фотографијата може сама по себе да изгледа безопасно, но да биде дел од подолга кампања на понижување, следење или заплашување. Ако платформата ја разгледува секоја објава одделно, може да не го препознае целокупниот образец на демнење и вознемирување.
Колку брзо може да се развие ваквиот процес покажува истражувањето Safer Scrolling, спроведено од истражувачи од University College London и Универзитетот во Кент. Истражувачкиот тим анализирал повеќе од 1.000 видеа што TikTok им ги препорачувал на експериментални профили создадени според различни типови ранливи тинејџери. На почетокот, профилите добивале содржини поврзани со осаменост, самоподобрување и машкост. По само пет дена, уделот на препорачани видеа со мизогина содржина се зголемил од 13 на 56 проценти — повеќе од четирикратно. Содржините сè повеќе вклучувале објективизирање, сексуално вознемирување, омаловажување и обвинување на жените.
Овие резултати не значат дека секој корисник на TikTok ќе го има истото искуство, ниту дека секоја популарна објава е намерно засилена. Истражувањето, сепак, покажува како препорачувачкиот систем може постепено да го насочува вниманието кон сè поекстремни содржини. Разговорите со млади луѓе и училишни раководители покажале дека ваквите пораки не остануваат само на екранот, туку можат да се пренесат во секојдневната комуникација и да придонесат кон нормализирање на сексистички и мизогини ставови.
Токму затоа одговорноста на платформите не завршува со копчето „пријави“ и со отстранување на една објава. Потребно е да се оценува и начинот на кој алгоритмите ја препорачуваат, повторуваат и прошируваат штетната содржина. Кога системот може да го претвори нападот врз една жена во содржина видлива за илјадници луѓе, алгоритмот веќе не е само неутрална техничка алатка, туку дел од проблемот — и мора да биде дел од решението.
Ако платформата преку своите препорачувачки системи може да го зголеми досегот на штетна содржина, нејзината одговорност не може да заврши со отстранување на една објава. Европскиот Акт за дигитални услуги бара платформите да обезбедат лесно достапни механизми за пријавување, да ги образложат одлуките за отстранување или задржување содржина и да овозможат приговор.
Директивата на ЕУ 2024/1385 го регулира второто ниво — одговорот кон самото насилство и заштитата на жртвите. Таа ги опфаќа неовластеното споделување интимен или манипулиран материјал, сајбер-демнењето, сајбер-вознемирувањето и онлајн поттикнувањето омраза или насилство. Директивата предвидува минимални правила за казнивост, полесно пријавување, поддршка и заштита на жртвите.
Иако овие правила не се применуваат непосредно во Северна Македонија како во земјите членки на ЕУ, тие поставуваат важни европски стандарди кон кои треба да се приближуваме.
Што да се направи без товарот повторно да се префрли врз жената
Првиот чекор е безбедноста, а не собирањето совршена документација. Ако постои непосредна закана, уцена, физичко следење, следење на локацијата или ризик за дете, треба веднаш да се контактираат 112 или полицијата. За сомнение за сексуална злоупотреба или експлоатација на дете достапен е и каналот на МВР Црвено копче. Жената не треба сама да преговара со сторителот, да го предупредува дека ќе го пријави или да продолжи да комуницира со него само за да обезбеди дополнителни докази.
Кога е безбедно, за дигиталните докази важи едноставното правило: „сними, зачувај, запиши — но не препраќај“. Снимката од екранот треба да го прикаже целиот контекст, а не само навредливата реченица. Треба да се гледаат името на профилот, корисничкото име, датумот, времето, објавата и коментарите. Корисно е да се зачуваат целосниот линк, оригиналната порака или е-пошта, известувањата од платформата и бројот или потврдата за поднесената пријава. Ако содржината брзо се менува, кратка видеоснимка од екранот може да покаже како од профилот се стигнува до спорната објава. Снимката од екранот е корисна трага, но не е единствениот доказ; полицијата, обвинителството или друг надлежен орган ја оценуваат заедно со останатите податоци.
Советодавниот сервис на ИМПЕТУС како дел од решението
Советодавниот сервис на ИМПЕТУС или prijavi@impetus.mk; е бесплатна и достапна почетна точка за граѓаните што се соочуваат со злоупотреба на социјалните мрежи, личните податоци или корисничките профили. Неговата улога е да ја разбере пријавата, да помогне во почетната проценка на ризикот и итноста, да објасни кои докази треба да се зачуваат и да го насочи лицето кон соодветната платформа или институција, доколку е потребно.
Им помага на граѓаните да разберат каде и како да пријават дигитална злоупотреба. Тој не води истрага и не може да гарантира враќање на профил или отстранување објава.
Дигиталната заштита не смее повторно да стане задача на жената: таа да ги пополнува истите формулари, да талка меѓу институциите и постојано да ја раскажува злоупотребата. Потребни се почетна проценка на ризикот, координација меѓу надлежните органи, контакт-точки кај платформите, навремено зачувување на електронските докази и известување за исходот.
Одговорот на дигиталното насилство не е жените да станат помалку видливи, туку сторителите да бидат помалку недопирливи, платформите поодговорни, а институционалната помош побрза и подобро поврзана.
Авторка: Лилјана Пецова -Илиеска

Лилјана Пецова-Илиеска е експертка за дигитални права, сајбер-безбедност, заштита на личните податоци и добро управување, со повеќе од 15 години професионално искуство. Таа е основачка и извршна директорка на ИМПЕТУС и поранешна извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија. Десет години работела во Министерството за внатрешни работи, а пет години во Агенцијата за заштита на личните податоци. Таа е Chevening Cybersecurity Fellow и обучувачка во Академијата за судии и јавни обвинители. Преку ИМПЕТУС раководи со Советодавниот сервис за злоупотреби на социјалните мрежи и има практично искуство во поддршка на жени изложени на дигитални закани и вознемирување.

