Земјата е потписник и има ратификувано поголем број меѓународни конвенции, документи, стратегии. Како пример е Пекиншката платформа за акција, во која е потенцирано дека е потребно да се обезбедат пристапни објекти за рекрeaција и спортски објекти за девојки и жени, како и зајакнување на родово чувствителна програма за девојки и жени во образовните институции и поддршка за вклученост на жените во сите физички активности меѓу кои и како тренери, спортисти и тоа на сите нивоа (национално, регионално, меѓународно). Европската спортска повелба од 1992 год. јасно укажува на тоа дека на секој поединец треба да му се овозможи да учествува во спортот, како и да се заштитат достоинството и безбедноста на сите вклучени во спортот. Доколку се разгледаат одделни програми за спорт на локално ниво (во повеќе општини) од буџетска страна може да се забележи дека најголем дел од буџетот е наменет за манифестации во спортови каде што нема ниту една жена на пример за поддршка на турнири во мал и/или голем фудбал, или за клубови што се исклучиво машки. Пеовладува еден општ наратив на глобално ниво дека женскиот спорт е помалку вреден, дека помал е интересот за него, па соодветно на тоа постои негативен домино-ефект дека помалку треба да се вложува, а последователно на тоа и платите во спортот на глобално ниво кај спортистките се пониски.
