Превенцијата спасува животи : Грижата за здравјето како главен приоритет


Глобални предизвици за женското здравје

Малигните заболувања претставуваат еден од најголемите предизвици за јавното здравје во 21 век. Кај женската популација, карциномот на дојка и карциномот на грлото на матката заземаат водечко место во структурата на морбидитетот и морталитетот. Според глобалните податоци на Светската здравствена организација (СЗО) ракот на дојка е најчесто дијагностицираниот карцином кај жените ширум светот, додека ракот на грлото на матката останува еден од најчестите причини за смртност од малигни болести во земјите во развој и со среден приход. Се проценува дека во 2024 година ракот на дојка предизвикал 694.000 смртни случаи на глобално ниво и бил најчестиот вид на рак кај жените во 164 од вкупно 186 земји. Кога станува збор пак за ракот на грлото на матката на глобално ниво тој е петтиот најчесто дијагностициран карцином кај жените, со проценети 604.000 нови случаи во 2024 година и бил водечка причина за смртност кај жените во 26 земји.

Превенцијата како клуч за преживување

Основната разлика во стапките на преживување меѓу развиените западноевропски земји и земјите од Југоисточна Европа, вклучително и Македонија, не произлегува од разликите во терапевтските протоколи туку од ефикасноста на системите за превенција и рана дијагностика. Стандардизирани според возраста, стапките на смртност од рак, во Централна и Југоисточна Европа остануваат значително повисоки отколку во западните земји, главно предизвикани од разликите во раното откривање и здравствената инфраструктура. Институционалните анализи покажуваат дека подобрувањето на резултатите во голема мера зависи од постигнувањето повисоки стапки на дијагноза во рана фаза и надминувањето на предизвиците за интеграција во националните здравствени регистри.

Светска здравствена организација (СЗО) во своите глобални водичи за контрола на ракот, нагласува дека раното лекување е економски поефикасно, додека терапијата за напреднат стадиум чини и до два до четири пати повеќе по пациент. Годишните извештаи на ЕУ за здравствени трошоци покажуваат дека земјите со неразвиен систем на скрининг како оние во Југоисточна Европа трошат огромен дел од буџетот на скапи терапевтски лекови во доцен стадиум, наместо на превенција.

Организиран наспрема опортунистички скрининг

Особено значајно е да се потенцираат организациските модели односно организиран наспроти опортунистички скрининг кои спаѓаат во двата основни концепти на превентивни здравствени прегледи. Организираниот скрининг се заснова на активна улога на државата и здравствените власти. Врз основа на национални регистри на населението, сите жени кои припаѓаат на дефинирана возрасна група (на пример, од 50 до 69 години за мамографија) добиваат лични писмени покани со однапред закажан термин и локација. Воспоставениот систем активно го следи одзивот, праќа потсетници и врши контрола на квалитетот на секој чекор.

Опортунистичкиот скрининг или неорганизиран скрининг се прави случајно или по иницијатива на лекарот или самиот пациент, за време на редовна посета на лекар. Прегледот се врши кога пациентката сама ќе побара контрола, кога ќе почувствува симптоми или кога матичниот лекар/гинеколог ќе предложи преглед за време на некоја друга посета. Но, овој систем зависи исклучиво од здравствената култура на поединецот и достапноста на лекарите. Во одредени земји во светот вклучително и нашата, здравствената култура за превентивни прегледи сè уште е на незавидно ниво.

Европски и домашни стандарди во превенција

Во Западна Европа во земјите како скандинавските, Холандија, Германија, Велика Британија и Франција, превенцијата од рак на дојка е поставена врз строги стандарди пропишани од Европската комисија и ECIS. Секоја жена на соодветната возраст автоматски се евидентира. Опфатот на популацијата во овие земји редовно надминува 70% до 85%. Според Европските насоки за квалитет во мамографијата, секоја мамографска снимка мора независно да биде анализирана од двајца радиолози. Доколку нивното мислење се разликува, снимката ја разгледува трет експерт или конзилиум. Исто така прегледите не се вршат во општи болници, туку во сертифицирани центри кои мора да исполнат квота од минимум неколку илјади мамографии годишно по радиолог за да ја зачуваат лиценцата

Во Македонија, програмата за рана детекција на рак на дојка се соочува со пречки од типот на низок опфат и пасивност. Иако функционира електронската платформа Skrining.mk, опфатот на целната популација е низок и според податоците од ревизорските извештаи објавени од Државниот завод за ревизија опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4%, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Исто така постојат и други пречки како што се изразен недостаток на радиолози посебно во градовите во внатрешноста.

Спречувањето и раната дијагностика на ракот на грлото на матката во Западна Европа доживеаја револуција во последните две децении благодарение на научниот напредок во разбирањето на ХПВ (Human Papillomavirus) вирусот. Повеќето развиени земји (Холандија, Австралија, Шведска, ОК) го напуштија традиционалниот ПАП-тест како прва линија на скрининг и воведоа ХПВ ДНК тестирање за сите жени над 30 години. Овој тест има значително поголема чувствителност и овозможува да се идентификува ризикот години пред да се појават промени на клеточно ниво.

Кон крајот на 2017 година, Австралија го замени ПАП-тестот со Националната програма за скрининг на рак на грлото на матката, преминувајќи кон примарен ХПВ-тест што се спроведува на секои пет години. Холандската национална програма претрпе значајна структурна реорганизација во 2017 година, предводејќи го преминот кон примарен ХПВ-скрининг и воведувањето на комплети за самостојно земање примероци. Според студиите објавени во списанието The Lancet, организираната училишна вакцинација кај девојчињата и момчињата во Велика Британија доведе до речиси потполно искоренување (намалување од над 87%) на ракот на грлото на матката кај младите генерации. Покрај Велика Британија, Исланд, Португалија и Норвешка исто така служат како примери, бидејќи официјално ја постигнале или надминале целта од 90% опфат кај младите девојчиња со ХПВ. Во тие земји и во Шведска, Данска и Обединетото Кралство има пад од 88% во инциденцата на рак на грлото на матката кај жените вакцинирани пред одредена возраст.

Македонија заостанува зад овие современи трендови, пред сè поради инфраструктурни и социо-економски причини. Сѐ уште доминира традиционален ПАП-тест какопримарен метод за превенција. Во повеќе градови и рурални средини ширум државата сѐ уште нема доволен број матични гинеколози. Но она што особено треба да се нагласи е скептицизам околу HPV вакцината. Иако вакцината е достапна во редовниот календар на Министерството за здравство, стапката на имунизација со години е ниска поради дезинформации и недоволна едукација на населението, иако во последните години се забележуваат позитивни поместувања. Вкупниот опфат со две дози ХПВ  вакцина во државата во 2025 година изнесувал 51,5 отсто, што е под потребниот просек од 95%, се вели во Извештајот за реализација на програмата за задолжителна имунизација на населението во Македонија во 2025 година. Вклучувањето на момчињата во програмата придонесе за зголемување на бројот на вакцинирани деца и на вкупниот опфат.

Чекори кон промени

Ефективните интервенции за рана и навремена дијагноза, проследени со сеопфатен третман, рехабилитација и палијативна нега, се од суштинско значење за намалување на стапките на смртност како и за постигнување и одржување на оптимално функционирање и благосостојба на жените.

За Македонија да го намали јазот во однос на западно европските стандарди, неопходни се системски реформи кои нема да зависат само од финансиските ресурси, туку од подобра организација. Потребно е системот исто како во Западна Европа активно да ги бара пациентите, но и преку јавни кампањи, едукативни работилници да се влијае на зголемување на здравствената култура кај населението. Не треба да чекаме одредени датуми како светскиот ден на здравјето за да се сетиме дека здравјето треба да ни биде на прво место и дека превенцијата и раната дијагностика спасуваат животи.

Автор: Даниел Зарев

ДАНИЕЛ ЗАРЕВ -Авторот има просечен успех од 9.7, и е студент на петта година на смерот по општа медицина на Медицинскиот факултет при УКИМ  во Скопје. Стипендист е на “Фондација ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ Скопје“ и учесник на многубројни стручни студентски настани од медицинската фела.  Во декември 2025 година беше избран за член на Факултетското Студентско Собрание при Медицинскиот факултет.

Коментарите се оневозможени