Вклученоста на жените и економскиот развој: улогата и потенцијалот на родово-сензитивните политики


Економијата е дисциплина која не учи како најрационално да ги употребиме ресурсите. Во тој контекст и човечките или човечкиот капитал. Меѓутоа бидејќи човечкиот капитал е недвојбен од личноста во позадина на економските одлуки стојат различни психолошки ставови и перцепции. Во тој контекст креирањето на родово сензитивни политики е од суштинско значење за поголема економска рационалност и искористување на целосниот капацитет на општеството.

Имено, низ развојот на општеството статусот и правата на жените минувале низ разни развојни фази. Државата и општеството потребно е да креираат одредени мерки и инструменти за стимулирање и поддршка на вклученоста на жените во сите општествените текови и процеси. На ова ниво на развиеност, важно прашање е еднаквоста како концепт заради инклузивност и благосостојба. Еднаквоста е исто така и важна економска категорија. Ако навлеземе подетално во структурата на концептот на еднаквост, уште поважна е родовата еднаквост која може да се набљудува низ разни димензии. Родовата еднаквост не е едноставен или еднодимензионален концепт, туку сложен концепт кој треба да се анализира преку нејзините поединечни составни делови и аспекти. Една од составните делови низ која може да се набљудува родовата еднаквост е пазарот на труд.

Пазарот на трудот и структурните предизвици

Интеграцијата на жените на пазарот на трудот бара системски мерки за надминување на родовите стереотипи и предрасуди. При креирање на овие мерки државата треба да ги земе предвид специфичните биолошки и социолошки улоги и карактеристики на жените. Влучително да се земе предвид и интерсекцискиот пристап односно фактот дека полот и родот се вкрстуваат со други варијабли како што се возраста, местото на живеење, нивото на образование, етничката припадност, расата итн. Но, истовремено треба да се земат предвид и диспропорциите во развојот во различни региони во државата (тука мислам на Македонија, но генерално речиси во секоја држава има помалку и повеќе развиени региони).

Затоа како клучни фактори за подобрување на положбата на жените на пазарот на трудот би ги навел следните:

-Креирање на родово сензитивни мерки и подобрена клима за влез на пазарот на трудот при тоа земајќи ги предвид локалните и регионалните спeцифики

-Eднаков пристап односно достапност до услуги, образовни ресурси и технологии кои директно влијаат не само врз пристапот на пазарот на трудот туку и понатамошната продуктивност

-Надминување на родовиот јаз во платите односно обезбедување еднаква плата за работа со еднаква вредност во сите сектори

-Стабилност и континуитет на работното место односно креирање и усвојување политики кои овозможуваат усогласување на професионалниот и приватниот живот (мајчинство, грижа за деца и стари лица)

Сите овие компоненти влијаат на вклученоста на жените на пазарот на трудот. А поголемата вклученост на жените во пазарот на труд влијае на самата понуда во економијата и капацитетот и потенцијалот за производство.

Во доменот на останатите фактори женското претприемништво е клучно за генерирање инвентивност и иновативност, заедно со женското лидерство во сегментот на претприемништвото.

Емпириски наоди и макроекономски ефекти

Емпириските наоди потврдуваат дека родовата еднаквост позитивно влијае врз економскиот раст и индексот за човечки развој.

Група автори нотираат дека родовата еднаквост го подобрува економскиот раст и човечкиот развој. Овој наод наведува дека поголемата родова еднаквост или вклученоста на жените во процесите на одлучување придонесува не само во креирање на додадена вредност во економијата, туку оди и подлабоко во подобрување на човечкиот развој. Самата вклученост индицира на поголемо задоволство и квалитет како и подобар резултат без разлика дали резултатот се однесува на политики во форма на закони, конкретни решенија и сл.

Економскиот раст во земјите од Г20 односно анализите на концептот на раст предводен од жените  (Women-led economic growth) покажуваат позитивна и статистички значајна врска помеѓу родовата еднаквост и економските перформанси на најразвиените економии. Во самата анализа како варијабли кои ја објаснуваат оваа врска се наведуваат едукацијата на жените, учеството во политичките одлуки, здравството итн, и истите се клучни двигатели на овој процес.

Долгорочните ефекти од родовите политики- Во доменот на креирање политики и анализа на политики Центарот за економски политики (CEPR) упатува дека родовата политика веројатно би произвела опипливи економски резултати но на долг рок. Во однос на рочноста овие политики тешко е на краток рок да дадат перформанси, бидејќи за сето ова потребна е изградба на инфраструктура т.е институции во форма на хабови кои би поддржувале ваков развој и трансформација. Од друга страна пак, креирањето ефикасни политики бара континуирано собирање на родово-разделни статистички податоци на сите нивоа, со цел точно следење на напредокот и евалуација на постигнатите ефекти.

Економска комплексност и одржливост -Поголемото економско учество на жените го поттикнува економскиот раст. Ова може да биде и добар инструмент за намалување на јазовите во развојот на регионите и диспропорциите во регионалниот развој. Додека пак женското претприемништво директно придонесува за остварување на Целите за одржлив развој посебно Целта бр. 5 –Родова еднаквост и Целта бр. 8 Достоинствено вработување и економски раст. .

Клучни инструменти за имплементација –Родово одговорно буџетирање и секторски политики

Родово одговорно буџетирање (РОБ) е клучна алатка која овозможува јавните финансии и даночните политики да ги земат предвид различните потреби и економски однесувања на жените и мажите (вклучително иразличниот сентимент за потрошувачка, различна сензитивност на инфлацијата и растот на цените).

Секторскиот пристап е исто така многу важен. Важно е да се разгледа какви се секторските политики и какви се состојбите со родово-сензитивните политики. Имено, во водењето на секоја политика ова е од исклучителна важност особено во економскиот дел. Воспоставување партнерствата меѓу државните институции, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата за зголемување на учеството на жените на раководните позиции.

Во доменот на ефикасност, клучно е мерење на перформансите со поставување на клучни перформанс индикатори. Односно воспоставување и мерење на ефикасноста преку клучни квантитативни и квалитативни индикатори за перформански во евалуација на јавните политики.

Потребна е реална политичка и социјална инклузија преку надминување на формалното или церемонијалното учество на жените во политичките процеси и обезбедување вистинска автономија во одлучувањето.

Феминистичка економија и праведна дигитална трансформација

Во современиот контекст, концептот на феминистичка економија не е насочен исклучиво кон жените, туку кон изградба на хумана, социјална и солидарна економија која го вреднува неплатениот труд и се грижи за менталното здравје и благосостојбата како детерминанти на продуктивноста.

Овој пристап е од суштинско значење и во ерата на технолошка трансформација. Интеграцијата на родовата рамка во развојот и примената на вештачката интелигенција (AI) овозможува:

  • Намалување на дигиталниот јаз и овозможување рамноправен пристап до нови технологии.
  • Спречување на родовите пристрасности (gender bias) во алгоритмите и дигиталните алатки.
  • Поголема инклузивност на пазарот на труд и намалување на неформалната економија.

Континуитетот во спроведувањето на родово-сензитивните политики, поддржан со родово одговорно буџетирање и институционална доверба, е основен предуслов за создавање одржлива, праведна и конкурентна економија.

Да заклучам : Инклузијата на жените во сите економски и општествени процеси не претставува само прашање на социјална правда, туку суштински макроекономски катализатор за долгорочен одржлив развој. Додека пак, креирањето и доследното спроведување на родово-сензитивните политики е инвестиција во поинклузивна, постабилна и потрајна иднина за целото општество.

Автор: Ристе Костовски

Ристе Костовски е роден во1998 година. Во средношколските денови во два мандата ја објавува функцијата Заменик Дете Правобранител.Воедно е член на уредувачки одбор за училишниот весник. Се запишува на Економски Факултет Скопје, на департман Финансиски Менаџмент каде е активен во студентското собрание и како претседател на Комисијата за Наука. Паралелно е активен низ невладиниот сектор и поборник за благосостојба на жените и поголема вклученост во економските текови. Активен е низ повеќе невладини организации, а со родова димензија Women in Tech Macedonia.

Коментарите се оневозможени