Дали продолжува дискриминацијата на жените во работниот процес во време на дигитализација и примена на вештачка интелегенција?


Секако дека едно од најважните прашања во денешно време е што претставува вештачката интелигенција  и како се дефинира терминот со цел да се регулираат нејзините придобивки и ризици за општеството. Во свет кој брзо се менува со нови иновации и апликации кои се појавуваат речиси секој ден, клучните носители на одлуки од Обединетите Нации, Советот на Европа и Европската Унија напорно работеа на регулирање на вештачката интелигенција (во понатамошниот текст ВИ). Најчесто терминот „вештачка интелигенција“ се користи како општ термин за различни компјутерски апликации засновани на различни техники, кои покажуваат способности вообичаено и моментално поврзани со човечката интелигенција. Терминот „вештачка интелигенција“ првпат беше воведен на Летниот истражувачки проект Дартмут во 1956 година.

На глобално ниво не постои единствена унифицирана и прифатена дефиниција за вештачка интелигенција, што преставува проблем за меѓународните организации во усвојување на законска регулатива. Советот на Европа и Европската Унија усвоија необврзувачки насоки за земјите-членки, но во моментов најкритична задача е конечното усвојување на задолжителна легислатива. Главната причина за регулирање на вештачката интелигенција произлегува од стравот од нејзините негативни влијанија, како што се интеракцијата со податоците за приватност, контролата на системите, филтрирањето на податоците, пазарот на труд, донесувањето одлуки и многу други секојдневни активности.

Покрај ризиците, придобивките од користењето на вештачката интелигенција се многубројни. Системите за вештачка интелигенција можат да ги оптимизираат земјоделските процеси, да придонесат за револуционерни решенија во транспортот и урбаното живеење, да помогнат во ублажувањето на ефектите од климатските промени или да предвидат природни катастрофи и да олеснат поголем пристап до информации и знаење. Генерално, системите за вештачка интелигенција можат да имаат високо позитивно влијание врз општеството. Како клучен двигател на социо-економскиот развој на глобално ниво, вештачката интелигенција може да придонесе за ублажување на некои од светските проблеми и постигнување на целите за одржлив развој.

Се чини дека после КОВИД пандемијата која предизвика глобална промена на начинот на работа и комуникација, примената на вештачката интелегенција е следниот голем предизвик за пазарот на труд и родова еднаквост. Во новата ера на сѐ поголема дигитализација жените, постарите лица, лицата со попреченост можат да се соочат со повеќекратна дискриминација особено на пазарот на труд. Со порастот на дигитализацијата на економијата и брзата трансформација на пазарот на трудот, речиси 90% од работните места бараат основни дигитални вештини.

За жал, жените претставуваат само 1 oд 3 од студeнтите во оваа област СТЕМ и покрај фактот дека девојчињата имаат подобри резултати од момчињата во дигиталната писменост и 1 од 5 како вработени во ИКТ секторот. Овој јаз е адресиран во ажурираниот Акциски план за дигитално образование и преку спроведување на министерската декларација за посветеност на жените во дигиталното образование во ЕУ. Посебно внимание денес се посветува на инклузивноста и постојат активни иницијативи каде земјите од ЕУ се обврзуваат да го поттикнат учеството на жените во дигиталниот сектор и технологијата.

Ажурираната агенда за вештини за Европа ќе помогне во справувањето со хоризонталната сегрегација, стереотипите и родовите јазови во образованието и обуката. Предлогот на Комисијата до Советот да се донесе препорака за стручно образование и обука ќе бара подобрување на родовата рамнотежа во традиционално доминантните машки или женски професии и ќе биде чекор напред во борбата со родовите стереотипи.

Само 22% од програмерите за вештачка интелигенција се жени, a уште помал е процентот на сениорските позиции со само 14% застапеност на жените.  Ова е само потврда дека со порастот на модерните технологии се зголемува и родовата нееднаквост и потребни се повеќе напори и мерки особено со примената на вештачката интелегенција. Повеќе жени вработени во овие области ќе ја подобрат конкурентноста на Европа ако Европа го зголеми уделот на жените кои работат во електротехничката област на околу 45% до 2027 година. Ова значително ќе го зголеми БДП – проценките варираат од 260 до 600 милијарди евра. Целта на Дигиталната декада е да се зголеми бројот на вакви професионалци во Европа од 10,3 милиони во 2024 година на 20 милиони до 2030 година. Разновидните и родово избалансирани тимови поверојатно ќе произведат подобра, пофер и поинклузивна дигитална технологија и решение. Најголемиот предизвик за жените во ИКТ индустријата глобално е што се помалку платени споредено со мажите и што имаат помалку можности за напредување во компаниите. Само 16% се жени менаџерки во ИКТ индустријата. Во компании како Google, Facebook, Apple, Microsoft бројот на жени вработени е 23%.

Еден од главните проблеми со растечките технологии е тоа што повеќе од четири милијарди луѓе, или над половина од светската популација, сè уште се офлајн. Околу 75 проценти од оваа офлајн популација е концентрирана во 20 земји, вклучувајќи ги Бангладеш, Етиопија, Нигерија, Пакистан и Танзанија, и е непропорционално рурална, со ниски приходи, постари лица и неписмени. Студија на Центарот за еднаквост, род и лидерство „Беркли Хас“ анализираше 133 системи за во различни индустрии и откри дека околу 44 проценти од нив покажуваат родова пристрасност, а 25 проценти покажуваат и родова и расна пристрасност.

Програмата Дигитална Европа е програма за финансирање на ЕУ фокусирана на доближување на дигиталната технологија до бизнисите, граѓаните и јавната администрација. Истата ќе обезбеди стратешко финансирање, поддржувајќи проекти во пет клучнии области: суперкомпјутери, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување широка употреба на дигитални технологии за економијата и целото општеството. Со планиран вкупен буџет од 7,5 милијарди евра (за сите земји) програмата има за цел да го забрза економското закрепнување и да ја обликува дигиталната трансформација на општеството и економијата, носејќи придобивки за сите, но особено за малите и средни претпријатија. Програмата Дигитална Европа е дел повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година.

Со спогодба помеѓу Европската Унија од една страна и Северна Македонија од друга страна се одлучи за учеството на Северна Македонија во Програмата на унијата – Дигитална Европа (2021-2027 година). Во однос на родовата еднаквост се бараат зајакнати капапацитети (знаења и вештини) кај административните службеници за вклучување на родовата перспектива во креирањето на политиките, програмите и проектите кои ги спроведуваат институциите.

Во нашата земја и покрај фактот што бројот на девојчиња и жени расте во образованието во СТЕМ, на пазарот на труд сѐ уште постои нееднаквост во пристапот, плаќањето и процесот на напредување. Жените помалку се одлучуваат да станат програмери или пак да преземат одредени сениорски позиции најчесто поради потребата од балансирање на професионалниот со семејниот живот. Во моментов, државата прави напори да се зголеми постепено бројот на жени преку промовирање на специјални програми за СТЕМ и ИКТ секторот. Ова се очекува да се оствари со воведување на квоти, стипендии за студирање на овие програми, посебни обуки и промовирање на успешни жени во ИКТ секторот со што би се креирал модел за мотивација на идните генерации.

Во 2023 година во нашата држава беше објавен вториот индекс за родова еднаквост изработен од Министерството за труд и социјална политика во соработка со Државниот завод за статистика и Европскиот институт за родова еднаквост. Овие статистики даваат слика за нееднаквостите и мерките кои треба да се преземат од носителите на јавните функции како и за мерење на прогресот. Државниот завод за статистика е институцијата која ги собира, анализира и дисеминира податоците за родова еднаквост во различни сектори и области во државата. Индексот за родова еднаквост за 2022 година изнесува 64.5 од максимални 100 и е за 2.5 поени повисок од претходниот индекс објавен во 2019.

Индексот пак за родовиот јаз за Република Северна Македонија во 2025 година се намали на 0.699 за разлика од 2024 година кога беше повисок и изнесуваше 0.727 на скала од 0 до 1. Државата со овој индекс е рангирана на 91 место од вкупно 148 држави, од кои на прво место е Исланд а на последното Пакистан.

Значајно е да се истакне дека во нашата држава постојат организации и програми кои активно го поттикнуваат учеството на жените во СТЕМ првенствено од странските амбасади и меѓународни програми но дека и покрај напредокот неопходно се дополнителни мерки за намалување на дискриминацијата на пазарот на труд во услови на дигитализација и примена на вештачката интелегенција.

Aвторка: проф.д-р Билјана Чавкоска

Билјана Чавкоска е доктор по правни науки, професор и активист во областа на човековите права особено женските права и дискриминацијата.  Нејзината магистерска теза е посветена на еднаквоста во областа на вработувањето во Европската Унија и Република  Македонија, а докторската теза на правата на работниците од третите држави во Европската Унија. Има објавено преку 50 научни и стручни трудови во домашни и странски списанија како и учествувано на голем број конференции и меѓународни проекти финансирани од Европската Унија. Моментално работи како автор и колумнист за унапредување на правата на жените. 
 

Коментарите се оневозможени