Менструална правда – менструалната хигиена е човеково право


Она што се случува во училишниот тоалет е прашање на еднаквост, а не на срам.
 

Според анализата на Организацијата Балканска водна мрежа, месечниот трошок на една жена за менструални производи изнесува 420 денари. Во семејство со две жени во репродуктивен период тоа се 840 денари месечно, односно повеќе од 10.000 денари годишно. Тоа не е трошок од кој може да се откажете, тој е врзан за биологијата и се повторува дванаесет пати годишно. Ако истата сума се наплатуваше преку сметка, ќе ја нарекувавме давачка и ќе бараше јавна расправа. Бидејќи се наплатува тивко, по аптеки и маркети, ја нарекуваме „лична работа”. Токму таа разлика во именувањето е причината поради која темата останува надвор од буџетските документи. Она што нема име, нема ни ставка. А она што нема ставка, го плаќаат оние што немаат избор.

Училишниот тоалет како мерка за еднаквост

Најголемиот дел од денот девојчињата го поминуваат во училиштата, а таму нема услови за менструална хигиена. Нема производи, нема топла вода, сапун или сигурност дека вратата се заклучува. Истовремено, изостанокот поради менструален циклус не се признава како оправдан. Значи, системот истовремено не обезбедува услови и не дозволува отсуство. Резултатот е следниот: ученичките спасот го бараат кај класните раководители/ки и кај училишните социјални работници/чки. Тиеод свои парикупуваат менструални производи и ги чуваат во училиштата за да им излезат во пресрет. Ова е гест на човечност што заслужува почит, но е и доказ дека тука не постои политикатуку импровизација. Кога една јавна потреба се покрива од приватен џеб на вработен, тоа значи дека потребата е призната во практиката, а непризната во системот.

Парадоксот на знаењето

Анализата што ја спроведовме во Битола меѓу средношколките со3 00 анкетни прашалници и циклус тематски работилници ги објавуваме за првпат. Она што најмногу изненадува е разликата меѓу тоа што девојките мислат дека знаат и тоа што навистина знаат.

Општата запознаеност со менструалното здравје е самооценета со 3,5 на скала од 1 до 5, а знаењето за лична хигиена најчесто со највисока оцена. Меѓутоа, кога прашањата станаа конкретни, сликата се смени, мал дел го познаваат циклусот целосно, а другите имаат делумно знаење за хормоналната нерамнотежа. Половина од нив првпат слушнале за одржливи менструални производи. Со други зборови самопроценката на знаењето е висока, но во реалност не е така. Уште поинтересен е наодот за стигмата. Скоро сите учеснички велат дека за менструацијата се разговара во семејството, а сепак мнозинството потврдува дека стигмата влијае врз нив. Овие два податока изгледаат спротивставено, но заедно кажуваат нешто важно, а тоа едека стигмата повеќе не живее дома. Таа се преселила во ходникот, во соблекувалната, на часот по физичко, во шегата на соучениците, во молкот. Значи, решението не е само „разговарајте со ќерките“. Решението е институционално.

Знаат повеќе за телото отколку за своите права

На прашањето дали заедницата има улога во обезбедувањето менструална правда, половината од учесничките одговориле потврдно, а другата половина останале неодлучни. Најголем дел воопшто не знаат дали постојат законски решенија и иницијативи во оваа област, иако речиси сите поддржуваат бесплатни производи во училиштата.

Лесно е ова да се протолкува како рамнодушност. Мислам дека е нешто друго, а тоа е отсуство на искуство дека нешто може да се промени. Неодлучноста не е спротивна на ангажманот, таа е негова претходна фаза. Кога млад човек никогаш не видел дека барање упатено до институција добива одговор, тој не станува циник, туку неутрален. Затоа најголемата придобивка од ваквите работилници не се информациите, туку првото искуство дека нечие мислење било запишано и пренесено понатаму.

Една генерација што го познава своето тело подобро отколку своите права, нема да ги побара условите што и следуваат.

Кој/и остануваат надвор од бројките

Најголем дел од анкетираните изјавиле дека имаат релативно лесен пристап до производи, а само помал дел пријавиле финансиски потешкотии. Зошто е тоа така? Средношколките што пополнуваат прашалник во училница се оние што редовно доаѓаат на настава. Анкетата не ги опфати средношколките што изостануваат од училиште, рано го напуштаат образовниот процес и/или што живеат во домаќинства без вода и санитарен јазол. Самите учеснички го препознаваат тоа и како најзагрозени ги наведуваат девојките од сиромашни семејства, Ромките и девојките со попреченост.

Тука се крие суштината на разликата меѓу „менструална сиромаштија” и„менструална правда.” Поимот „менструална сиромаштија” се однесува на недостаток или воопшто немање парични средства, а поимот „менструална правда” се однесува повторно на недостататок на парични средства, но и недоволно достапни информации, лоша инфраструктура и достоинство, и затоа бара јавна политика, а не донација.

Одржливоста е и економска, не само еколошка одлука

Во употребата доминираат еднократните влошки. Менструалните чашки и повеќекратните влошки се среќаваат ретко. Ова најчесто се дискутира како еколошко прашање, но бројките го прават и финансиско прашање. Трошок од над 5.000 денари годишно по жена значи дека преминот кон одржливи производитаму каде што жената го избира тоа слободно и има услови за хигиена, се исплатува многу побрзо отколку што мислиме. Одржливоста бара вода, приватност и точна информација. Без нив, препораката за одржливи производи станува само уште еден совет за жените.

Цената на молчењето

Најчестиот приговор на секој ваков предлог е „нема пари”. Но сметката веќе се плаќа, само на друго место и од друг џеб. Се плаќа во изостаноци што никој не ги брои во оваа категоријазашто се пријавуваат како стомачни болки. Се плаќа во намалена концентрација на часовите, во откажување од физичко образование и од спортски активности, во девојки што еден ден во месецот се повлекуваат од сопствениот живот. Се плаќа и во непризнаената работа на наставничките и стручните соработнички што ја одржуваат оваа импровизирана мрежа со години.Тоа е тивок трансфер, јавната одговорност се префрла врз приватните буџети на семејствата и на вработените во образованието. Тоалетната хартија и водата за пиење во училиштата одамна не ги ставаме на дискусија. Прашањето значи не е дали можеме да си дозволиме менструална хигиена во училиштата, туку зошто сè уште ја третираме поинаку од секоја друга основна санитарна потреба.

Што предлагам

Од сето ова произлегуваат пет насоки:

  1. менструалната хигиена да се внесе во стандардите за санитарни услови во училиштата, како што се внесени водата и осветлувањето
  2. бесплатни производи достапни таму каде што престојот е задолжителен, училишта, средношколски домови, установи…
  3. едукација што зборува за телото и за хигиената
  4. развој на лидерскиот потенцијал на самите ученички, бидејќи темата најсилно ја придвижуваат оние што ја живеат
  5. медиуми што ќе престанат да ја третираат менструацијата како деликатна тема и ќе почнат да ја третираат како јавна.

Ниту една од овие мерки не бара усвојување на нов закон. Ова може да го направи секоја општина, секој училишен одбор и секој совет на родители и тоа уште утре. Затоа што крајната цел не се влошките. Крајната цел се економски зајакнати жени без образовни и професионални бариери, жени со самодоверба и со непречен пристап до ресурси, жени што не се грижат дали ќе има услови таму каде што мора да бидат.

За дискусија:

  • Ако утре секое училиште добие налог да обезбеди менструални производи, од чиј буџет ќе биде тоа?
  • Дали бесплатните производи треба да бидат за сите или само за оние во ризики што со срамот што го носи таа поделба?
  • И конечно колку нѐ чини сегашното молчење во изостаноци, во концентрација, во девојки што полека се повлекуваат?

Aвторка: Светлана Папачек

Светлана Папачек е родена во Скопје во 1973 година, а од 1995 година живее во Битола. Таа е основачка и претседателка на здружението ЛИЛЛА СИЛА (основано во ноември 2024), а од 2012 година е долгогодишен доброволен администратор и координатор во ОЖБ. Работи на проекти за учество на жените и младите во јавните политики, поддржани од Швајцарската влада преку Civica Mobilitas. Координаторка на проектот ,,За менструална правда” финансиран од ЕУ. Автор е на неколку стихозбирки, роман, новела и збирка раскази „Женски откровенија”, наградена со „Златно перо” во 2020 година. Активна е и во книжевниот живот на Битола, членка на Битолски книжевен круг, и организатор на конкурсот „Жена”.

Коментарите се оневозможени