Онлајн кампања во рамки на 16 дена активизам против насилството врз жени и девојки


Во соработка со Жените за жените и Женски Форум-Тетово ја спроведуваме онлајн кампањата во рамки на 16 дена активизам против насилството врз жените и девојките. Во држава каде фемицидите се повторуваат, дигиталното насилство станува секојдневие, а жените се напаѓани во секоја сфера од општественото живеење, одлучивме овие 16 дена активизам против насилство врз жени и девојки отворено да зборуваме за сите форми и ситуации со кои секојдневно се соочуваме сите жени.

Нападите врз жените не се поединечни случаи. Тие се дел од поширок спектар: понижување, исклучување, закани, притисок да се повлечат. Овие механизми се повторуваат во институции, партии, во дигиталниот простор и во сопствениот дом.

Дигиталното насилство станува најбрзата алатка за замолчување. Монтирани содржини, сексистички коментари, омаловажувања, ширење лажни информации.

Во политиката, жените се таргетирани не поради политичка позиција, туку поради родот. Навреди, дискредитации, внатрепартиски кочници и понижувања покажуваат колку е тесен просторот за жените што сакаат да седат на одлучувачките маси.

Најголемиот број напади врз жени се извршени токму од партнери или членови на семејството, факти што со години се повторуваат без суштински институционален напредок.

Силување, уцени, непристојни принуди, сексуално вознемирување, ова се форми на насилство што се игнорираат, се премолчуваат или се банализираат. А бројките покажуваат дека речиси секоја жена познава друга жена што го преживеала ова.

Нашата борба продолжува затоа што овие појави не се одделни теми , туку поврзан систем на насилство што ја ограничува слободата, учеството на жените во јавниот и политичкиот живот, но го нарушува и основно човеково право, правото на живот.

Насилството не е „женска тема“. Насилството е општествена криза. Затоа приклучи се и не молчи!

Top of Form

Коментарите се оневозможени